Актуелните трендови на мобилност на работната сила од земјите на Балканот кон Запад (Западна Европа и САД), олеснетите процедури за премин од една во друга држава, доведоа до често менување на живеалиштето на семејствата, разбивање на културни бариери и создавање голем број на мешани бракови. Од друга страна расте бројот на разводи, нарушени родителски и семејни односи, разделување на семејствата со живеалишта во различни држави. Ваквите актуелни трендови донесоа нови ризици за децата како спорови околу преселување (иселување), релоцирање, меѓународно грабнување, спорови околу старателство, проблеми во одржувањето на контакти на децата со еден од родителите кои живеат во посебни држави. Децата во ваков контекст на ризици стануваат споделена одговорност на повеќе држави.
Разликите во националните прописи и практики на државите во светот, резултираат со несигурност дали одредени права применети од страна на надлежни органи во една држава ќе бидат признаени и извршени во друга држава. Хашката конференција за меѓународно право се обидува да ги намали овие ризици, со воспоставување на универзална правна рамка, преку нејзините Конвенции. Функционирањето е подржано и загарантирано од ЕУ и голем број на конвенции се прифатени од страна на ЕУ. ЕУ им препорачува на своите членки, но и на другите земји аспиранти за ЕУ, да ги ратификуваат Конвенциите на Хашката конференција.
Хашка конвенција за граѓанските аспекти на меѓународното грабнување на деца (донесена на 25 октомври 1980) е систем на инструменти за административна соработка за враќање на децата по грабнувањето од еден родител во земјата каде предходно живееле, воедно служи и како мерка за одвраќање од потенцијално грабнување, како и можност за остварување на контакти на детето со родителот со кого не живее. Земјите потписнички на Конвенцијата создаваат систем на соработка на централните власти, при тоа секоја земја определува државен орган кој ќе биде задолжен за соработка со органите во другите држави за брзо пронаоѓање на детето и враќање, и во постигнување доколку е можно доброволно враќање на детето или мирно/спогодбено разрешување на проблемите со примена на медијација.
Хашка конвенција за судска надлежност, применлив закон, признавање, спроведување и соработка во делот родителската одговорност и мерки за заштита на децата (донесена на 19 октомври 1996 ) Оваа Конвенција опфаќа широк опсег на прашања од доменот на меѓународна заштита на децата во случаи како родителски спор во однос на старателство (постапка на доверување на дете) или контактирање на детето со родителот со кого не живее, заштита на избегани тинејџери, судска надлежност во случај на дете бегалец или меѓународно раселени деца, сместување на дете во ризик кое се нашло во странство во згрижувачко семејство или во соодветна институција.
Конвенциите преставуваат систем на инструменти на признавање и спроведување на одлуките од друга држава, адаптирани на националните услови и законодавство. Имплементацијата на Конвенциите во врска со меѓународната соработка се одвива преку надлежните централни власти номинирани од секоја земја потписничка на Конвенциите. Надлежна централна власт во Северна Македонија е Министерствотото за труд и социјална политика, во Србија е Министерството за правда.
Пристапот до постапките за поддршка на децата востановени со Конвенцијата се бесплатни. Постапките кои се поведуваат по Хашките конвенции за зашита на деца се однесуваат на деца до 16 –годишна возраст на детето
Кога детето се наоѓа во одреден ризик во друга држава, тогаш двете држави имаат одговорност за постигнување на најдобриот интерес на детето, и државата од која потекнува и државата во која престојува. При тоа за да се постигне најдобриот интерес на детето може да се примени и медијација. Во вакви случаи судијата кој одлучува за враќање или невраќање на детето во државата на местото на вообичаеното живеење е во најдобра позиција да им препорача медијација на странките. Судиите треба да се свесни за фактот дека законската одлука околу прашањето за враќање или невраќање само ќе обезбеди решение за ова важно прашање, но нема да ги реши останатите сериозни проблеми пред кои се исправени родителите. Додека во постапка на медијација, медијаторот може вешто да ги води родителите по пат на договарање/преговарање да разрешат одредени проблеми. Стручните работници во центрите за социјална работа исто така можат да ги упатат странките во прекугранична семејна медијација. Истите треба да бидат информирани за постапката за медијација за да ги поттикнат страните кои се во прекуграничен семеен спор кој ги засега нивните деца, да изнајдат решение преку заеднички договор по пат на медијација.
Во случаи на грабнување на дете од страна на еден родител, односно кога детето е незаконски однесено во друга држава, во постапка на медијација најпрво се преговара за враќањето или не враќањето на детето во земјата во која предходно живеело. Доколку родителите се договорат околу ова основно прашање, тогаш можат да пристапат кон решавање на други поврзани прашања. Можат да се решаваат прашања поврзани со местото на живеење на детето, релокација, старателството над детето, договарање околу долгорочни планови за живеење на детето со еден или двајцата родители, подршка и остварување на контакти на детето со родителот со кого не живее, за редовни контакти, за празници, патувања, финансиски прашања, образование, религиозно и културно (двојазично) воспитување, издршка и алиментација и други тековни прашања.
Медијација е мирен начин на решавање на спорови по пат на преговарање. Таа овозможува приближување на страните кои се во спор до точка да почнат сами да се договараат и да најдат заедничко решение, кое е прифатливо за двете страни и подеднакво е во интерес на двете страни, особено во најдобар интерес на детето. Денес е воочлива се поширока примена на медијацијата во различни видови на спорови, така да и делумно се разликуваат методите на медијација во различните подрачја.
Медијацијата во меѓународни семејни спорови е специфична, бидејќи примената има низа на предизвици како :
- Определување на судска надлежност – која се определува според вообичаеното место на живеење на детето со едниот родител. Доколку настане промена на местото на вообичаено живеење на детето, тогаш се раководи според законот на државата на новото место на живеење. Во случаи на меѓународно грабнување на деца, властите на државата потписничка во која детето се водело со место на вообичаено живеење непосредно пред незаконското одземање или задржување, ја задржува надлежноста за мерките наменети за заштита на личноста и сопственоста на детето;
- Правна извршност на постигнатата спогодбата – со оглед дека се работи за постапка која се води помеѓу држави со различни правни системи, мора да се обезбеди извршност на постигнатата спогодба во сите земји потписнички на Конвенцијата;
- Употреба на јазик на комуникација – медијаторот мора да го познава јазикот на двете страни или да владее со јазик кој го користат двете страни во постапката. Најчесто се користи англиски јазик или официјалниот јазик на државите кои се засегнати во постапката;
- Потреба од медијатори кои специјализирани за меѓународни спорови, како и семејни спорови; Примената на меѓународната медијација има и други предизвици како различната култура и географска одалеченост, висината на трошоците на страните, отвореноста на границите на државите, држави кои се во конфликт со други држави, кои мора да се земат во предвид при определување на методологијата на медијацијата. Во вакви случаи погодно е да се користи современиот начин на онлајн комуникација, преку платформи за комуникација достапни за сите засегнати страни.
Истовремено државите треба да ги усогласат и ставовите околу вклучување на детето во постапката на медијација, кое во одредени држави е задолжително согласно Конвенцијата за правата на детето. Употребата на медијација е корисна од причина што е брза и флексибилна процедура, економична во однос на трошоците, страните можат да ги изразат своите емоции и лични потреби, потребите на своето дете и се постигнува деескалација на конфликтот. На страните во постапката им се овозможува да изработат решение кое е прилагодено на нивните конкретни потреби, им се наметнува одговорност за носењето на одлуката, а воедно се воспоставува комуникација, пракса за идна соработка и се намалува интезитетот на конфликти помеѓу страните.
Следуваат реални примери од пракса на семејните спорови кои се погодни да се решаваат со употреба на медијација :
- Брачниот пар потекнува од различни држави (потписнички на Хашка конвенција), двајцата работат во својата држава, имаат едно заедничко дете на училишна возраст кое живее со мајката. Таткото живее во Северна Македонија, а летниот одмор го поминува со својата сопруга и дете ( во државата каде тие жвеат Б). Таткото го носи во Северна Македонија без неговата мајка, со изговор да ги види неговите роднини, потоа ги прекинува сите контакти со сопругата, поднесува барање за развод, а детето го запишува да го продолжи образованието во Северна Македонија. Мајката кога доаѓа во Северна Македонија има видувања со детето само во присуство на таткото, од причина што таткото сака да спречи одземање на детето од страна на мајката и враќање во државата Б.
- Државјанка на Северна Македонија склучува брак со државјанин на државата Б, во бракот се родиле две деца. Поради нефункционална брачна заедница, мајката се плаши да поведе постапка за развод на брак во државата Б, сметајќи дека државата Б ќе се грижи за правата на својот државјанин. Доаѓа во Северна Македонија заедно со своите деца со изговор да ги посети своите роднини, каде поведува постапка за развод на брак, а со сопругот ги прекинува контактите и му забранува видувања со малолетните деца, од причина што се плаши таткото да не ги врати децата во државата Б.
Мр Гордана Атанасова, Северна Македонија