Во Република Северна Македонија паралелно со реформските процеси за пристап кон Европската Унија, започна и имплементацијата на медијацијата како вонсудски начин на решавање на споровите. За движење на рефомите од сферата на медијација во насока на ЕУ, важна е улогата на сите чинители почнувајќи од медијаторите, Комората на медијатори, граѓанските организации, Министерството за правда, Владата, за создавање на силен институционален систем за креирање на политики и нивна реализација.
Значајна е улогата на Институтот за европска политика како тинк-тенк организација, кој се занимава со истражување и предлози за европски политики, меѓу другото, на полето на медијацијата, како дел од реформските процеси. Во таа насока во тек е Проектот „Медијација, без дилема“ , во кој се спроведе истражување за користењето на медијацијата и се презедоа активности за зајакнување на капацитетите на сите релевантни чинители кои можат да допринесат за зголемена употребата на медијацијата како мирен начин на решавање на споровите.
Во статијата „Медијација, без дилема“ ќе се обидеме да ги прикажеме клучните прашања и дискусии во рамките на проектот, посебно истакнати за време на Годишна конференција „Медијација – за нова култура во решавање на споровите“.
Институтот за европска политика (ЕПИ) е граѓанска организација чија мисија е со високо квалитетни истражувања и предлози за европски политики да обезбеди основа за дебата и решенија, насочена кон носителите на одлуки и пошироката јавност. Така, во фокусот на вниманието на ЕПИ, во два наврати се најде примената на медијацијата во Република Северна Македонија.
Имено, во период од декември 2012 до јули 2013 г. се реализира МАТРА проект поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија: „Поддршка за унапредувањето на имплементацијата на медијацијата во Република Македонија“, имплементиран од Институтот за европска политика, во соработка со Институтот Асер од Хаг. Наслов на проектот беше „Решете го спорот-да, со медијација“. Негова општа цел беше да се придонесе за унапредување на спроведувањето на медијацијата во граѓански и во стопански спорови во Република Македонија. Негова конкретна цел беше да се помогне на Министерството за правда да воспостави солидна среднорочна рамка за унапредено спроведување на медијацијата, врз основа на сеопфатна проценка на недостатоците на постојниот систем. Заклучоци и препораки на проектот беа: правилно функционирање на Комората на медијатори, транспарентност на сите воспоставени критериуми и релевантни документи за медијацијата, обуки на медијаторите и континуирана едукација, промоција на медијацијата пред потенцијалните корисници и адаптации во тековната законска рамка во земјата, кои ќе придонесат за зголемена употреба на медијацијата.
Со оглед дека реформите поврзани со медијацијата како алтернативен начин на решавање на споровите се една од стратешките цели на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 година, Институт за европска политика започна со спроведување втор проект „Медијација, без дилема“. Проектот кој се имплементира во периодот од 01.09.2020 до 30.09.2022 г., е финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, главен спроведувач е ЕПИ, додека партнери во проектот се Академија за судии и јавни обвинители ,,Павел Шатев’’ (АСЈО), Комора на медијатори на Република Северна Македонија и Холандска федерација на медијатори. Главна цел на проектот е: да придонесе кон зголемување на стапката на користење на медијацијата како алтернативен начин за решавање на споровите. Во специфични цели влегува истражување за користењето на медијацијата, зајакнување на капацитетите на медијаторите, судиите, Комората на медијатори, промовирање на суштински дијалог и соработка помеѓу најрелевантните страни од областа на медијацијата. Главни активности предвидени и дел реализирани во проектот се: Истражување засновано на докази, градење капацитети со спроведување на обуки, студиска посета, промоција – настани за политики, конференции, состаноци за застапување.
Една од активностите предвидени во проектот беше организирање на Годишна конференција „Медијација – за нова култура во решавање на споровите“ организирана преку платформата ZOOM, на ден 09.06.2021 година. Цели на конференцијата беа овозможување на дискусија за состојбите за користењето на медијацијата, нејзините придобивки во посебни гранки од правото, да се прикажат најдобрите практики и искуства од други земји, како и да се запознаат граѓаните и деловните субјекти со медијацијата како алтернативен начин на решавање на споровите.
На конференцијата воведно обраќање имаа д-р Симонида Кацарска, директорката на Институтот за европска политика, м-р Бојан Маричиќ, министер за правда на Република Северна Македонија, Н.Е.,г-дин Дирк Јан Коп, амбасадор на Кралството Холандија во Скопје и партнерите во проектот. Искуствата со медијацијата во своите земји ги изнесоа медијатори од Кралството Холандија, Грција, Италија, Хрватска и Мексико. Медијаторите од Република Северна Македонија зборуваа за медијацијата во различни видови на спорови.
Сесијата за клучните предизвици и постигнатите резултати во примена на медијацијата во земјава од 2006 г. до денес ја отвори д-р Ардита Абази Имери, програмска директорка на ЕПИ, која има богато искуство во имплементација на медијацијата како алтернативен начин на решавање на спорови, кое како што изјавува ѝзапочнало уште во 2006 година. Во оваа сесија зборуваа д-р Малинка Ристевска Јорданова член на Управен одбор на ЕПИ и Радица Лазаревска Геровска, државна советничка во Министерството за правда.
Д-р Малинка Ристевска Јорданова е член на Управниот одбор на ЕПИ и поранешна директорка на Институтот, во периодот од 2011 до 2017 година. Ристевска Јорданова има долгогодишно искуство во креирањето и спроведувањето на политиките поврзани со ЕУ во Република Северна Македонија и во регионот, долгогодишно искуство во реформите на јавната администрација во земјава и во регионот, истата е добар познавач на процесот на имплементација на медијацијата од самото создавање до денес, во Република Северна Македонија, како и директен учесник и иницијатор на промените во медијацијата во насока на усогласување со европското законодавство, подобрување на функционалноста на Комората на медијатори и зголемување на квалитетот и професионалоноста на медијаторите. Нејзиниот интерес за развојот на медијацијата во Република Северна Македонија е мотивиран од уверувањето дека придобивките од медијацијата ќе придонесат за подобрување на судството и на долг рок ќе значат воведување нова култура во решавањето на спорови. Инаку, медијацијата е еден од клучните елементи и еден од столбовите на кои се потпираат натамошните реформи во правосудството на ниво на Европа.
Значајно беше излагањето на Конференцијата на д-р Малинка Ристевска Јорданова како експерт која има дологогодишно искуство за тоа што е направено за медијацијата од страна на институциите и граѓанскиот сектор. Во нејзиното излагање д-р Ристевска Јорданова направи резиме на она што смета дека е подобрено во текот на годините наназад, но и изнесе мислење каде треба во иднина да се насочат активностите поврзани со медијацијата. Како клучни придобивки д-р Ристевска-Јорданова ги потенцира: ресетирањето на комората, создавањето нов закон и подобрувањето на квалитетот на медијаторите. На наведените резултати им претстоеја одредени активности. Имено, пред создавање нова Комора на медијатори во јули 2017 година, постоеше нефункционална комора, која не само што не го унапредуваше процесот, туку и попречуваше да се внесат промени. Клучно беше создавањето на критична маса медијатори кои беа спремни да носат промени, во насока на подобрување на квалитетот, интегритетот и професинализмот, а паралелно се носеше новиот Закон за медијација.
Во однос на таргетирање, поставување на вистински цели д-р Малинка Ристевска Јорданова смета дека иницијаторите на досегашните промени сѐ уште имаат енергија да иницираат промени во насока на поголема примена на медијацијата, особоено во семејните спорови, споровите за заштита на потрошувачи и осигурителните спорови. Како посебно значајно го смета вклучувањето различни чинители, особено судството и адвокатите, а во однос на судството смета дека освен што се значајни обуките, потребно е и враќање на довербата во судството, но и во медијаторите од страна на судиите. Во однос на поставеното прашање во јавноста дали е потребно да се воведат магистерски студии за медијација, д-р Ристевска Јорданова смета дека не треба да се продуцира нов кадар, без анализа на пазарот. Смета дека фокусот не треба да биде во формалното образование, туку кон јакнење на квалитетот на медијаторите и изградбата на професионализмот на медијаторите. При јакнење на свеста за медијацијата исто така потребно е таргетирање, односно примарно треба да се запознаат оние што треба да работат со медијација и кои одлучуваат во однос на медијацијата.
Радица Лазаревска Геровска, меѓу другото, зборуваше за новиот Закон за медијација, кој веќе е во сила од 23.12.2021 година и ги презентираше податоците кои ги поседува Министерството за правда, од електронскиот регистар за евидентирање на предмети на медијација, во однос на бројот на евидентирани постапките за медијација. При тоа истакна дека е зголемен бројот на медијации во последните години, како и значителен е бројот на постигнати спогодби. Така, од почетокот на 2016 г. заклучно со 31 мај 2022 г. во Министерството за правда евидентирани се 2 125 постапки на медијација, од кои 1 325 завршиле со спогодба, односно 65 проценти завршиле со спогодба. Најголем број постапки за медијација се однесуваат на работните спорови 1 090 постапки и во најголем број завршиле со спогодби, 1 049 спогодби, односно 96,2 проценти. Голем е бројот на решени стопански (трговски) спорови со мала вредност по пат на медијација, каде има задолжителен обид за решавање на споровите, има евидентирано 906 предмети, од кои 227 завршиле со спогодби, односно 25 проценти.
Проектот „Медијација, без дилема“ на Институт за европска политика (ЕПИ) завршува на крајот на септември 2022 година со завршна конференција, на која ќе бидат презентирани резултатите од истражувањето реализирано во рамките на проектот, на кое се темели Анализа за примена на медијацијата во Република Северна Македонија.
Истражувањето се реализирало од крајот на септември 2021 до почетокот на декември 2021 година, се одвивало во два дела. Во првиот дел направена е теоретска анализа на законските решенија за примена на медијацијата. Во вториот дел, анализата за медијација е изработена во форма на квантитативна анализа на прашалници кои биле дистрибуирани до релевантни чинители, од остварен пристап до информации во врска со медијацијата во Министерството за правда, како и од податоци од реализирана фокус-група. Заклучоците кои произлегле од истражувањето и анализата ќе се користат како основа за креирањето на идни решенија и политики што имаат како цел поголема и поуспешна примена на медијацијата.
медијатор М-р Гордана Атанасова